Денес гостин во Topjob.mk e Филип Ачкоски, фармацевт и директор на CHC дивизија во PharmaS. Со нас сподели многу искуства и ни објасни кои квалитети се потребни за да бидеш успешен менаџер на една фармацевтска компанија. Вели дека е најважно од сѐ е да работите како за себе! Повеќе детали прочитајте во интервјуто.
- Раскажи ни повеќе за тебе и твојот професионален пат до овој момент.
- Овие 15 години работен век ги поминав на разни позиции во компании од фармацевтската индустрија во Македонија и пошироко на Балканот. Притоа имав прилика да ги унапредам своите знаења во речиси сите фармацевтски области почнувајќи од: производство и развој на производи, продажба и набавка, регистрација и маркет пристап а секако најдолго се задржав на полето на фармацевсткиот маркетинг и развој на бизнисот. Уште од средината на своите 20ти имав прилика да менаџирам различни процеси (производство, развој, продажба, маркетинг, интернационализација) и луѓе и директно да учествувам во креирањето на стратегиите за развој на компаниите во кои работев така што сите ги чувствувам како свои и на тоа сум особено горд! Денес работам на позиција директор на CHC дивизија во регионалната фармацевтска компанија PharmaS.
- Кои се основните предности на тоа да се занимаваш со фармацевтски маркетинг? Дали и зошто би му дал совет на еден млад човек да се насочи кон фармацијата?
- Фармацевтскиот маркетинг за мене е позив бидејќи дава одреден степен на слобода и креативност без што не би бил среќен во работата. Во овој процес ти не си само промотор и продавач туку и едукатор и бара не само стручни туку и добри комуникациски квалитети. Задачата на фармацевтскиот маркетинг е да ги унапреди знаењата на здравствените работници и на тој начин да овозможи ефикасно лекување на пациентот. За еден млад човек фармацијата е добар избор бидејќи е општествено одговорна и хумана професија која е секогаш во тренд, а од друга страна има бројни различни процеси во кои мнозинството ќе го најде своето место.
- Како изгледа преминот од стручна фармацевтска дејност во менаџерските води и што ти се допаѓа во работата која ја имаш во моментов?
- Менаџирањето на било која компанија или нејзин дел бара ориентираност кон резултати, способност за изнаоѓање решенија и спремност за носење на тешки одлуки. Тежината на менаџментот во фармацевтските компании е уште поголема бидејќи преку производството и промоцијата на лекови директно влијаеме на човечкото здравје кое е најскапоцено. Креирањето на нови производи и маркетинг стратегии за истите како и нивно пробивање на домашните и странски пазари за мене е најголем предизвик и задоволство.
- Кои основни обврски ги имаш и како поминува еден твој работен ден?
- Дневните обврски често флуктуираат од една во друга и нема простор за шаблонска работа.Тоа е еден микс од вообичаени канцелариски активности како на пример: креирање на продажни планови и маркетинг стратегии, анализа на резултати од истите, анализа на цени и конкуренција, проверки на договори, презентации, буџети, бројни меjлови, телеконференции итн. Не звучи многу забавно нели J! Сепак вообичаените активности се испреплетуваат со бројни состаноци со вработените, колегите, маркетинг и ПР агенции, клучни соработници и луѓе од бизнисот, за да од сето ова на крајот произлезат поголеми активности, симпозиуми, конгреси и други настани каде се промовираат фармацевтските производи пред стручната јавност и потрошувачите.
- Какви квалитети и карактерни особини се потребни за еден човек да биде успешен во професија како што е твојата?
- Менаџерот во фармацевтска компанија мора постојано да биде во тек со здравствените текови и трендови. Покрај интернет едукацијата, тоа подразбира и присуство на здравствени симпозиуми, конгреси и саеми но и директен контакт со аптеките и лекарите. За да бидеш добар менаџер треба да изградиш навика за решавање на проблемите, фер и коректен но професионален однос со клиентите и вработените, спремност за преземање на одговорност и при успех и при неуспех. Натешкиот дел е секако работата со луѓе кои понекогаш се непредвидливи и на нив не може да се применат продажни алгоритми, математички формули или логички принципи. И најважно – работете како за себе!
- Што те мотивира секојдневно да ја работиш твојата работа?
- Мотивацијата ја црпам во секојдневната креација и подобрување на терапевтските пристапи и маркетинг и промотивните активности. Се трудам да ги унапредувам организациските процеси на своето работно место и на тој начин континуирано учам и напредувам како личност и работник.
- Како се гледаш себе по 10 години?
- Сакам да се движам чекор по чекор, да работам на зададените проекти кои темелно ќе ги одработувам. Во моментов сум комплетно фокусиран на развој на CHC дивизијата на PharmaS и засилен излез на нови пазари и не ми недостасува предизвик во работата бидејќи имам многу предизвици за совладување.
Comments