top of page
Search
Writer's picturetopedukator

Професија & Инспирација: Филип Ачкоски

фармацевт и директор на CHC дивизија во PharmaS - гостин во Topjob.mk



  - Овие 15 години работен век ги поминав на разни позиции во компании од фармацевтската индустрија во Македонија и пошироко на Балканот. Притоа имав прилика да ги унапредам своите знаења во речиси сите фармацевтски области почнувајќи од: производство и развој на производи, продажба и набавка, регистрација и маркет пристап а секако најдолго се задржав на полето на фармацевсткиот маркетинг и развој на бизнисот. Уште од средината на своите 20ти имав прилика да менаџирам различни процеси (производство, развој, продажба, маркетинг, интернационализација) и луѓе и директно да учествувам во креирањето на стратегиите за развој на компаниите во кои работев така што сите ги чувствувам како свои и на тоа сум особено горд! Денес работам на позиција директор на CHC дивизија во регионалната фармацевтска компанија PharmaS.

- Кои се основните предности на тоа да се занимаваш со фармацевтски маркетинг? Дали и зошто би му дал совет на еден млад човек да се насочи кон фармацијата?

Фармацевтскиот маркетинг за мене е позив бидејќи дава одреден степен на слобода и креативност без што не би бил среќен во работата. Во овој процес ти не си само промотор и продавач туку и едукатор и бара не само стручни туку и добри комуникациски квалитети. Задачата на фармацевтскиот маркетинг е да ги унапреди знаењата на здравствените работници и на тој начин да овозможи ефикасно лекување на пациентот. За еден млад човек фармацијата е добар избор бидејќи е општествено одговорна и хумана професија која е секогаш во тренд, а од друга страна има бројни различни процеси во кои мнозинството ќе го најде своето место.

- Како изгледа преминот од стручна фармацевтска дејност во менаџерските води и што ти се допаѓа во работата која ја имаш во моментов?

Менаџирањето на било која компанија или нејзин дел бара ориентираност кон резултати, способност за изнаоѓање решенија и спремност за носење на тешки одлуки. Тежината на менаџментот во фармацевтските компании е уште поголема бидејќи преку производството и промоцијата на лекови директно влијаеме на човечкото здравје кое е најскапоцено. Креирањето на нови производи и маркетинг стратегии за истите како и нивно пробивање на домашните и странски пазари за мене е најголем предизвик и задоволство.

- Кои основни обврски ги имаш и како поминува еден твој работен ден?

Дневните обврски често флуктуираат од една во друга и нема простор за шаблонска работа.Тоа е еден микс од вообичаени канцелариски активности како на пример: креирање на продажни планови и маркетинг стратегии, анализа на резултати од истите, анализа на цени и конкуренција, проверки на договори, презентации, буџети, бројни меjлови, телеконференции итн. Не звучи многу забавно нели J! Сепак вообичаените активности се испреплетуваат со бројни состаноци со вработените, колегите, маркетинг и ПР агенции, клучни соработници и луѓе од бизнисот, за да од сето ова на крајот произлезат поголеми активности, симпозиуми, конгреси и други настани каде се промовираат фармацевтските производи пред стручната јавност и потрошувачите.

Какви квалитети и карактерни особини се потребни за еден човек да биде успешен во професија како што е твојата?

Менаџерот во фармацевтска компанија мора постојано да биде во тек со здравствените текови и трендови. Покрај интернет едукацијата, тоа подразбира и присуство на здравствени симпозиуми, конгреси и саеми но и директен контакт со аптеките и лекарите. За да бидеш добар менаџер треба да изградиш навика за решавање на проблемите, фер и коректен но професионален однос со клиентите и вработените, спремност за преземање на одговорност и при успех и при неуспех. Натешкиот дел е секако работата со луѓе кои понекогаш се непредвидливи и на нив не може да се применат продажни алгоритми, математички формули или логички принципи. И најважно – работете како за себе!

- Што те мотивира секојдневно да ја работиш твојата работа?

Мотивацијата ја црпам во секојдневната креација и подобрување на терапевтските пристапи и маркетинг и промотивните активности. Се трудам да ги унапредувам организациските процеси на своето работно место и на тој начин континуирано учам и напредувам како личност и работник.

Како се гледаш себе по 10 години?

Сакам да се движам чекор по чекор, да работам на зададените проекти кои темелно ќе ги одработувам. Во моментов сум комплетно фокусиран на развој на CHC дивизијата на PharmaS и засилен излез на нови пазари и не ми недостасува предизвик во работата бидејќи имам многу предизвици за совладување.

5 views0 comments

Comments


bottom of page